Бобан Младеновски е менаџер за транспорт во „Tesco“– Велика Британија, малопродажна компанија број еден на британскиот пазар, со пазарен удел од 28,7% и повеќе од 300.000 вработени.
Како дипломиран правник во 2025 година со почести дипломира и британско право со специјалност за Англија и за Велс на универзитетот Anglia Ruskin University – Лондон. Во моментот е на постдипломски студии на St. Marry College при University of London, каде изучува Меѓународно Право на Конкуренција, Право на Меѓународен Банкарски Систем и Право на Вештачка Интелегенција. Неговото (не)формално образование опфаќа и фандрејзинг, работа со правна база на податоци на Обединетото Кралство – Westlaw; сертификати од продажба и од менаџмент; сертификат од Националната здравствена служба на Велика Британија за управување во кризни ситуации.
Професионалната кариера на Младеновски почнува како Office Manager во „Mens Legis law firm“, Скопје (од 2004 до 2006 година). Следните позиции се: менаџер на тим и одговорен за продажба во „Diro“, Скопје (од 2006 до 2009 година); менаџер на дилерска мрежа во „Kia Motors“ – Македонија; супервизор во „Tun Papirus“, Скопје и сопственик и менаџер на „SMB Group Int“, Скопје.
Пресврт во неговата кариера е туристичката посета на Велика Британија во 2016 година, кога стапува во контакт со менаџер во „Lidl UK“. Следува ангажманот како специјалист за работење на магацин во „ Lidl UK” (2017 година). Истата година преминува во „Tesco“, каде што најпрвин работи како магацински соработник, а потоа и како координатор во магацин и менаџер во дистрибутивен центар. Од мај 2023 тој е менаџер за транспорт во „Tesco“ – Велика Британија, со примарен фокус да овозможи безбедна, брза и ефикасна услуга за маркетите, запазувајќи ги сите законски регулативи.